December 30, 2015 admin

Интервју: Владимир Јованоски – Млади лидери

Владимир Јованоски
Студент


Како ја гледате позицијата на младите во Прилеп? Се борат ли доволно за своите права и за своето место во општеството? Свесни ли се за проблемите кои ги опкружуваат? Успеваат ли младите да се наметнат како фактор во средината?

  • Младите во Прилеп се обесправени и во неможност да ги реализираат своите планови и да ги покажат своите квалитети. Сметам дека единствено оние малку млади кои се останати да живеат во Прилеп, се борат за своите права и за своето место во општеството. Но, тоа е малку. Треба да бидат побунтовни во своите барања. А, за тоа дали младите успеваат да се наметнат како фактор во средината, сметам дека делумно се наметнуваат, но, сѐ уште никој не им го почитува мислењето. За да се случи тоа, да им биде вреднуван интелектуалниот придонес за решавање на проблемите во општеството, треба поголема мотивација за формирање на младински тимови кои би ги поттикнувале и останатите млади да се борат за подобро утре. Она што ги потиштува во целост младите во Прилеп, па и во цела држава, е обесправеноста и селекцијата при вработување според нереални критериуми. Кога тоа еднаш ќе престане, кога ќе им се даваат шанси на сите млади подеднакво, тогаш и самиот капацитет ќе исплива на површина и со тоа младите би се наметнале како битен фактор во средината во која живеат.

Што се е потребно за младите да се вклучат во процесот на донесување младински политики?

  • Поради лошото искуство од минатото, а и од сегашноста, постои огромна антипатија кај младите спрема партиите. И се што доаѓа како предлог од било која партија, е „дочекан на нож“ или веднаш се отфрла. До некаде ги оправдувам, бидејќи при носењето на младинските стратегии, власта најмногу се потпира на оние „невладини“организации кои протежираат идеи кои се блиски до неа, или пак како членови на Совети на млади, во најголем дел се вклучени поддржувачи на политичките на партиите.

Има ли мотивација и капацитет кај младите прилепчани да преземат иницијативи за решавањето на проблемите кои директно ги засегаат?

  • Праксата покажала дека идеите на младите ниту ќе бидат сослушани, ниту ќе бидат реализирани. Затоа се обесхрабрени и демотивирани во целост.
    Оттука, сметам дека има капацитет, но нема доволно мотивација за младите прилепчани да преземат поголеми директни иницијативи за решавање на проблемите. Создадена е голема незаинтересираност кај младата популација за секојдневните општествено – социјални проблеми. Кога ќе се даде некаков предлог за преземање иницијатива, веднаш се негира и отфрла, бидејќи денешната младина навикнала некој друг „да се погрижи за доброто на сите“. Тука лежи проблемот зошто младината не се бори доволно да се наметне и како фактор и како носечка сила за преземање на иницијативи за подобрување на ситуацијата во која живеат.“

Дали образовниот процес влијае младите да останат дома, а не да заминуваат во странство? Дали стекнуваат доволно професионални знаења и вештини, да бидат компетитивни на пазарот на труд?

  • Образовниот процес влијае младите да останат дома, се до оној момент на завршување со студиите. Веднаш после заврѓување со образование, следи судир со реалноста во која сѐ што стекнале како знаење и вештина низ процесот на студирање, нема каде да го реализираат. Додека се во текот на своите студии, не размислуваат за напуштање на државата и заминување во странство. Но, по завршувањето, не им се нуди никаква шанса да ги покажат своите квалитети и способности, па затоа се одлучуваат за странство, каде што во секој случај повеќе ќе бидат вреднувани и почитувани. Колку и да било тоа тешко, одлучуваат да го напуштат својот дом, своите најблиски, своето место, сѐ со цел во потрага по достоинствен живот.
    Мислам дека во текот на своите студии или воопшто на образовниот процес, не стекнуваат доволно професионални знаења и вештини за да бидат компетитивни на пазарот на труд. Наставата во средните школи и факултетите треба да се одвива на многу, многу повисоко ниво. Сметам дека нема доволно стручек кадар, ниту пак високо – поставени стандарди во оценувањето.

Сметате ли дека младите се доволно запознати со начинот на функционирање на невладините организации и алатките кои се користат во граѓанскиот активизам за постигнување позитивни општествени промени?

  • Младите не се доволно запознати со функционирањето на невладините организации и алатките кои се користат во граѓанскиот активизам. Сметам дека невладините организации треба да имаат некакви презентации во школите, како би им се доловила главната цел на дејствување. Така, невладините организации би привлекле повеќе млади, кои би сакале да се вклучат како волонтери во организациите, но, и на тој начин младите би станале поактивни и позаинтересирани за секојдневието. Единствен начин преку кој би им бил ценет и вреднуван сопствениот став, сметам дека е пристапувањето кон таквите организации. Таму, секако, би се стекнале со нови знаења и вештини, кои би биле од голема корист за нив, но и на тој начин би се запознале со проблематиките во општеството. А, со тоа, би им се дала шанса да се вклучат со давање свои предлози за постигнување позитивни општествени промени. Исто така, сметам дека невладините мора да се оттргнат од влијанието на политичките партии.

Каков тип на водачи се потребни во општеството денес и какви постапки очекувате од нив?

  • Потребни се водачи кои би мислеле за доброто на сите граѓани. Во нашето општество недостигаат водачи што ќе поседуваат демократски капацитет, што ќе можат да истрпат критика и што ќе бидат крајно транспарентни во своето работење. Во однос на постапките, како што напоменав, сметам дека водачите треба да се фокусираат на тоа да има еднакви права за сите граѓани, да нема дискриминација во општеството. Демократијата да биде на прво место. Да нема поделби, ниту селекции. Очекувам и посакувам да има такви водачи кои би ги вклучиле младите луѓе во донесување на значајни одлуки. Да се слушне и нивното размислување. Зрелоста не доаѓа само со годините. Има што да се научи и од млад човек.

Наведете еден пример за некаква цел што сте си ја поставиле себе си и сте успеале да ја постигнете? Како ги надминавте пречките за тоа?

  • Кога тогаш капацитетот излегува на површина. Но, потребна е голема трпеливост и многу вложена енергија за постигнување на посакуваната цел. Секој почеток, нормално е тежок, а секој човек, барем еднаш се нашол во таков момент, кога бил скептик и полн со недоверба за исходот на својата замисла, идеја. Нормално е да има подеми и падови, но како би било кога не би се бореле силно за она што го посакуваме? Како би станале поцврсти и порешителни луѓе полни со самодоверба? Има една изрека на Иво Андриќ: „Младоста е среќна доба во која човекот почнува да верува во себе, а се уште не престанал да верува во другите.“

Оставете ни коментар!

Добрите лидери прво мора да бидат добри службеници...