December 29, 2015 admin

Интервју: Владимир Мантароски – Млади лидери

Владимир Мантароски
Студент


Како ја гледате позицијата на младите во Прилеп? Се борат ли доволно за своите права и за своето место во општеството? Свесни ли се за проблемите кои ги опкружуваат? Успеваат ли младите да се наметнат како фактор во средината?

  • Не знам дали се базира на недоволната едуцираност и информираност, или, пак, се должи на стравот од јавно изразување на сопственото мислење, но, сметам дека младите не се борат доволно и немаат позиција на одлучување во општеството. Сѐ уште младите не се свесни за тоа што ги очекува во иднина, откако ќе излезат од системот на образование. Апсолутно не успеваат да се наметнат како фактор во средината во која живеат, веројатно несвесни за нивната храброст и креативност. Можеби недостасува повеќе “ветер во грб“. Не смееме да заборавиме, дека младите, се единствениот извор на позитивен, неискористен ентузијазам и креативност, пред сѐ „неизвалкани“ од суровите наметнати услови во општеството. Мора да оттргнат од валканата медиумска машинерија, која има единствена цел да ги униформира, односно да им го наметне шаблонот на унифицирани идеи.

Што се е потребно за младите да се вклучат во процесот на донесување младински политики?

  • Човекот во принцип дејствува како политичко суштество. Младоста трпи идеи, дури и ако не се доволно издржани. Треба поголема самоиницијативност за изразување токму на тие идеи. Недоволната заинтересираност за општествените проблеми, е една од причините за недоволна вклученост младите во процесот на донесување младински политики. За мене е несфатливо, како можат старите, возрасните граѓани да креираат младински политики, без да се консултираат со младите. Партизираноста на младинските Совети, е посебна приказна. Таму, во најголем дел членуваат млади, кои се диригирано од некакви центри на моќ. Не може никој друг да дејствува во името на младите во тој процес, затоа и самиот тој термин е наречен „младински политики“. Сакам да кажам дека, младите се тие што треба да се борат за своите права во општеството, бидејќи тие се движечката сила.

Има ли мотивација и капацитет кај младите прилепчани да преземат иницијативи за решавањето на проблемите кои директно ги засегаат?

  • Капацитет има, но, мотивација дефинитивно недостасува? Самите млади ја препуштаат таа одговорност на некој друг. Мора да создадеме култура на учење од грешките и лошите состојби да ги сфаќаме како поттик за вклучување во иницијативи за промени. Никако, ама баш никако не треба да се водиме од наметната култура на „ќути, можи и полошо“. Мора младите да се вклучуваат акции со кои ќе се изборат за нивните права и подобро утре. Мора да се групираат во тимови и заедно да се борат со младинските проблеми. Да се борат со невработеноста, со иселувањето, со лошото образование, со лошите услови во студентските домови, со условот за партиска книшка за работно место итн.

Дали образовниот процес влијае младите да останат дома, а не да заминуваат во странство? Дали стекнуваат доволно професионални знаења и вештини, да бидат компетитивни на пазарот на труд?

  • Денес кога имаме отвореност на границите, дури ни образовниот процес не успева да влијае младите да останат дома. Напротив, голем дел од нив, својата едукација и пракса ја бараат во странство, каде би добиле поквалитетни практични знаења во областа што ја избрале да биде нивна идна професија. Ќе се согласам со повеќето млади и ќе кажам дека дека проблемот во нашето образование не е теоретскиот дел. Тоа го имаме, дури и премногу. Меѓутоа, премногу заостануваме со практичниот дел. Практична примена на стекнатите теоретски знаења и вештини дава поголема конкурентност на пазарот на труд.

Сметате ли дека младите се доволно запознати со начинот на функционирање на невладините организации и алатките кои се користат во граѓанскиот активизам за постигнување позитивни општествени промени?

  • Категорично тврдам дека не се запознаени со делувањето на невладините организации. Во ова општество, за жал, сѐ се дели на позиција и опозиција. Невладините организации се одлична алатка за изразување на сопствениот став, без притоа да бидеш обоен „плаво“ или „црвено“. Се надевам дека во иднина свеста кај младите ќе биде на повисоко ниво, при што би го изнесле својот став и реализација на своите идеи во невладиниот сектор.

Каков тип на водачи се потребни во општеството денес и какви постапки очекувате од нив?

  • Во секој случај потребни се демократски лидери. Слободното изразување денес е луксуз. Можеби утопистички, но во иднина очекувам дека секој ќе може без страв, слободно да го изрази своето мислење, макар тоа било и спротивно на ставовите на политичката опција која во моментот е на власт. Тврдам дека различните размислувања дејствуваат во позитивна насока за подобрување општественото. Тоа е она што го очекувам од идните водачи на ова општество. Поголема поддршка на младите и уважување на нивните идеи.

Наведете еден пример за некаква цел што сте си ја поставиле себе си и сте успеале да ја постигнете? Како ги надминавте пречките за тоа?

  • Човек без идеи и цели не е продуктивен човек. Секогаш си поставувам цел која е реално остварлива, како би можел да стигнам до неа. Она што до сега како карактеристика ме отсликува, е трпеливоста. Се надевам, барем на остварување на примарните и покрупните цели. А, секогаш пожелно е да се поставуваат и секундарни цели, заради личен напредок и мотивација. Како и секој, не само млад човек, посакувам да успеам и да се борам за подобро место во општеството. Како за личен, така и за професионален напредок.

Оставете ни коментар!

Добрите лидери прво мора да бидат добри службеници...